Наполи не го продава Елмас, ќе му нудат нов договор!
Македонскиот фудбалски репрезентативец, Елиф Елмас има извонредна сезона со Наполи, со шест гола и две асистенции и е трет најдобар стрелец на лидерот во Калчото.
Тој веќе почнал преговори со наполитанците за нова соработка, две години пред истекот на актуелниот договор.
„Кориере дело Спорт“ најави дека отворени се преговорите за новата соработка после 2025 година и истите ќе се интензивираат летово после завршување на сезоната, во која Наполи е на чекор да го освои првото „Скудето“ по 33 години пауза, а допрва го чека предизвик против Милан за полуфинале во Лигата на шампионите.
Во Неапол имаат план актуелниот тим во најголем дел да го задржат на подолг рок, па неодамна до 2027 година потпиша словакот, Станислав Лоботка, а претходно со Камерунецот Ангиса, па Елмас е следен во низата за продолжување на соработката.
Според најавите на реномираниот италијански весник, Елмас кој има годишна плата од 1,5 милиони евра сега ќе добие зголемување на платата, а новиот договор за Македонецот е само потврда дека Наполи многу го цени и смета на него и во подалечна иднина.
Елмас во Наполи дојде на барање на Карло Анчелоти во летото 2019 година за 16 милиони евра плус бонуси од турски Фенербахче, а досега наполитанците одбија низа понуди до 25 милиони евра од Лидс, Бенфика, Борусија Дортмунд за да го продадат.