Назначувањето на Арбен Фетаи за специјален пратеник на Македонија за ЕУ предизвика големи реакции на политичката сцена
„Ова назначување претставува директен шамар, отворено потценување и вистинско плукање во лице на сите чесни граѓани кои секојдневно се борат за преживување. Владата уште еднаш докажа дека нема ниту осет, ниту срам кога станува збор за трошење на народните пари и поделба на лукративни или измислени фотелји, велат од ЛДП.
Назначувањето на поранешниот вицепремиер за добро владеење Арбен Фетаи за специјален пратеник на Македонија за Европската Унија предизвика низа реакции на домашната политичка сцена. Одлуката на Владата денеска ја коментираше Либерално-демократската партија (ЛДП) од каде ја нарекоа срамна и скандалозна. Од партијата побараа итна ревизија на одлуката, но и стопирање на практиката со која дипломатијата се претвора во засолниште за партиски кадри без резултати.
„Ова назначување претставува директен шамар, отворено потценување и вистинско плукање во лице на сите чесни граѓани кои секојдневно се борат за преживување. Владата уште еднаш докажа дека нема ниту осет, ниту срам кога станува збор за трошење на народните пари и поделба на лукративни или измислени фотелји, велат од ЛДП.
Потсетуваат дека Фетаи во јавноста беше познат како функционер кој со месеци не се појавуваше на работни состаноци и ги бојкотираше владините седници.
„Наместо да сноси одговорност за своето неработење, Фетаи безрбедно се потсмеваше со јавноста објавувајќи фотографии од Бангкок, за денес, од истите тие граѓани кои ги игнорираше, да биде награден со функција и привилегии во Брисел. Каков сигнал испраќа оваа Влада до Брисел кога за специјален претставник именува човек чија единствена докажана квалификација е неработењето и избегнувањето на обврските? Ова е скандалозна порака дека во Македонија неодговорноста се наградува, а државните позиции се користат како приватен банкомат за задоволување на апетитите на власта. Истата таа неодговорност што носи трагедии, пожари, труења, епидемии и човечки жртви“, велат од ЛДП.
Одлуката на Владата ја објави самиот Фетаи на социјалните мрежи, каде напиша дека новата улога му претставува голема чест, но и одговорност.
„По долга кариера во Брисел и со искуството стекнато во Владата на Република Северна Македонија, каде што ја покажав мојата посветеност на европската перспектива на земјата, ја заземам оваа позиција со целосно убедување дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ. Им се заблагодарувам на премиерот и на Владата за нивната доверба. Патот до Брисел продолжува. Со решителност, со партнерство и целосна доверба во нашата европска иднина“, напиша Фетаи.
Реагираше и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи кој потенцираше дека земјава веќе има Постојана мисија при Европската Унија, која веќе работи на европската интеграција.
„Кој е мандатот на новиот претставник, која задача ќе ја извршува, а не можат да ја извршат амбасадорот, нашата Мисија, Министерството за надворешни работи и Министерството за европски прашања“, вели Османи.
Ексвицепремиерот Арбен Фетаи назначен за специјален пратеник за ЕУ