Над 73% од граѓаните сметаат дека македонското здравство е далеку од Европа

Близу три четвртини од сите анкетирани граѓани или точно 73,9% велат дека во моментов Македонија не ги исполнува стандардите и препораките на Европската Унија во однос на квалитетот на здравството, покажува последната анкета која за Детектор ја направи Институтот за политички истражувања Скопје.

Според неа, дека имаме здравство во согласност со европските стандарди сметаат 17,3% од граѓаните. И ова е прашање за кое имаме податоци од истражувањето во 2019 година и тие покажуваат дека денеска граѓаните се значително понегативно расположени околу почитувањето на европските стандарди во македонското здравство.

Ако во 33,2% во 2019 година сметале дека имаме здравство во согласност со стандардите на Европската Унија денеска таа бројка речи си и да се преполовила на 17,3%. Бројот на граѓани кои сметаат дека здравството ни е далеку од Европската Унија од 57,6% во 2019 скокнал на 73,9% во најновото истражување.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена во периодот од 28 февруари до 3 март оваа година врз репрезентативен примерок од 1107 испитаници.