Над 140.000 новороденчиња за 3 години добиле бебешки бонус

Во Албанија за 3 години бебешки бонус добиле над 140.000 новороденчиња, објави министерката за здравство – Огерта Манастирлиу.

„Бебешкиот бонус е нова социјална политика што Владата ја спроведува од 1 јануари 2019 година и ги поддржува младите семејства, без разлика на социо-економскиот статус. Бонус во овие три години користеле над 140.000 деца регистрирани во матичната книга на родените во Албанија, без разлика дали се родени овде или во странство“ рече Манастирлиу.

Таа додава дека родителите на новороденчињата го добиваат ваучерот во породилиштето каде што вршат итна регистрација на детето, избегнувајќи ги сите „доцнења и бирократски однесувања што се случувале претходно“.

Родителите на првородено дете добиваат бонус во износ од 40 илјади леки (325 евра), за второродено 80 илјади, а за третородено дете и понатаму по 120 илјади леки. Доколку се близначиња, тројка или повеќе бебиња, секое добива по идентичен износ.