Над 1.000 загинати во земјотресот во Авганистан

Над 1.000 загинати има во земјотресот во Авганистан иако првично утринава се проценуваше дека таа бројка ќе се движи околу 300.

Земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтер синоќа го погоди југоисточен Авганистан на границата со Пакистан.

Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар информира дека земјотресот бил почувствуван во радиус од над 500 километри, не само во Авганистан и Пакистан, туку и во Индија.

Земјотресот, според Американскиот геофизички институт (Усгс), е регистриран на 44 километри југозападно од Хост, во близина на границата со Пакистан, јужно од Кабул. Според геолошкиот институт на САД, епицентарот се наоѓал на длабочина од околу 51 километар.

Според весникот „Етилаат-е Роз“, земјотресот уништил цело село во областа Гајан.