Мултиталентираниот Македон Димитриевски нагости кај Претседателот Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска за гостин го имаше малиот тетовец, Македон Димитриевски, ученик во второ одделение во ОУ „Лирија“ од Тетово, кој има натпросечна интелигенција.

Пендаровски во разговор со Македон бил запознаен со афинитетите, интересите, досегашните успеси, вештини и знаења кои ги поседува 7-годишникот, како и со неговите желби и предизвици во иднина.

„Овие ученици се од посебен интерес за нашето општество и заслужуваат максимална посветеност од страна на државата“ – рекол претседателот на средбата, посочувајќи дека е неопходно институциите да создадат стимулативна средина која ќе го поддржи, поттикне и насочи развојот на децата со натпросечна интелигенција.

„Надарените и талентирани ученици имаат комплексни образовни потреби, што претставува посебен предизвик за образовниот систем и ја наметнува потребата од индивидуализирани програми адаптирани на надарените ученици“ смета Претседателот.

Македон има коефициент на интелигенција 134, говори повеќе странски јазици меѓу кои арапски и кинески, ја усовршил астрономијата, а во фокусот му е математиката.