МТСП и СОНК се договорија – и вработените во градинките ќе земат плата за периодот додека штрајкуваа

Министерството за труд и социјална политика и СОНК денеска ги потпишаа измените и дополнувањата на Колективниот договор со којшто се регулира исплатата на плати и придонеси за време на штрајк, а платата ќе биде исплатена за два дена откако пред неколку дена беше договорено со Министерството за образование платите на вработените во детските градинки и во образованието да се зголемат за 15 отсто.

По 24 мај, ќе почне изработката на новиот колективен договор, што ќе го спремаат работните групи.

„До крајот на мај ќе го донесеме новиот Колективен договор којшто ќе значи дополнителни права на вработените во детските градинки“ – рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на денешната прес-конференција по средбата со претседателот на СОНК Јаким Неделков.

Спорна беше исплатата на дневници во детските градинки кои штрајкуваа.

„Денеска со измена на Колективниот договор во тој дел го регулиравме и ова право на вработените што сметавме дека од разни причини се дискриминирани и не беше во ред нив да им се скрати од платата, МТСП имаа разбирање за тоа што го баравме, го усогласивме и овој дел и сметам дека овој процес конечно е затворен“ – рече Неделков.