„Ова е тежок период глобално, и ковид пандемијата која зема замав во Кина влијае на економијата. Се наоѓаме во тешка економска ситуација, голем предизвик за носителите на економските политики. Најпрво треба да се заштитат граѓаните од социјално ранливи категории, но клучно е и да се мисли на иднината – тоа е главната забелешка во водењето на нашата економска и социјална политика уште од осамостојувањето. На пример, во ред се заложбите да се зачува стандардот, но недостасува визија како во иднина да има побрз економски раст“ – вели професор д-р Никица Мојсоска – Блажевска, извршен директор на организацијата „Македонија 2025“ во најновото издание на Трилинг.
Мојсоска – Блажевска вели дека „капиталните инвестиции се клучни, а ние многу малку вложуваме во човечкиот капитал. Секогаш има простор да се размислува што е добро за вашата земја, зошто ние сега почнавме да размислуваме за енергетскиот систем, што претходно не сме го правеле тоа. Обично кога се брза се прават грешки.
„Ги следиме состојбите и во ЕУ, во енергетскиот сектор, дури ни таму не постои еден единствен став и пристап. Иако сите дејствуваат заедно, имаат различен пристап. Прашањето за енергетската зависност е подолгорочно, во ЕУ се уште не е утврдено кој е зелен извор на енергија. Секој си ги промовира своите национални интереси“ вели професор Мојсоска – Блажевска.
„Поважно е за што ќе се користат средствата, отколку кој ќе е изворот. Секогаш е важна иднината, со растење на јавниот долг идните генерации ќе го враќаат долгот. Поважно е дали средствата ќе се користат за пензии и плати или за патишта. Ситуацијата е непредвидлива, но мора да дојде период за штедење“ вели Мојсоска-Блажевска.