Во прва официјална посета на Бигорскиот манастир дошле монаси од Света Гора.
Во прва посета на манастирот се игуменот на светогорската Свештена Обител – Есфигмен, Неговото Високопреподобие, Архимандрит г. Вартоломеј, заедно со браќа монаси од својот манастир и во придружба на Високопреподобниот Архимандрит г. Никанор од манастирот на Светите Бесребреници во градот Перник.
Во манастирот биле пречекани од страна на Епископ г. Партениј Антаниски кој го потенцирал значењето на оваа посета по одлуката на Вселенската патријаршија.
„Сегашниов благодатен настан за нас преставува една огромна радост, особено затоа што Вие сте првиот игумен од Света Гора кој доаѓа во официјална посета на нашиот манастир по прогласувањето на богслужбеното и канонско единство на нашата Црква од страна на светиот престол на Мајката Црква, Вселенската Патријаршија. За нас, како и за сите Православни, Света Гора значи многу. Сето ова што го гледате сега во нашиов Манастир, ова братство, е благодарение токму на Мајката Божја, Која некогаш благоизволи и го просветли преподобниот Старец Георгиј Капсанис да ги отвори вратите на своето срце и на својот манастир за првите монаси на Света Гора од кај нас. Вие го донесовте благословот на Света Гора овде, само неколку дена по пристигнувањето на благата вест од пресветлиот Центар православието,Вселенската Патријаршија. Честа и радоста наша се уште поголеми, затоа што сме слушале за Вашата љубов кон Мајката Црква, Вселенската Патријаршија и особено кон личноста на Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј – еден Патријарх кого слободно можеме да го наречеме велик. Имено тој нам ни стана втор Фотиј Велики, подобен на првиот кој ги испратил Светите Кирил и Методиј, за да ја пренесат светлината на Евангелието среде Словените. Преку личноста на Патријархот Вартоломеј и со неговото благоволение да нè прими и прифати во лоното на Црквата и во семејството на православните, за нас се случи второто просвештение. По неговите молитви и заложби дојде и до помирување со Православната Црква на Србија, коешто беше официјализирано со неодамнешното сослужение во Белград. Ние искрено се надеваме дека од денес ќе започне нашата поголема соработка со светогорската монашка заедница, со Вас и со другите игумени и монаси од Градината на Мајката Божја“ – рекол владиката Партениј.