Македонското МНР следејќи ги одблиску состојбите во и околу Украина, апелира до сите државјани кои во претстојниот период планирале посета на Украина, да избегнуваат патувања во земјата; дополнително, сите наши државјани кои сега се наоѓаат во Украина, доколку имаат можност, во најскоро време да ја напуштат земјата.
Како што соопштија од МНР, соодветно на претходните повици, граѓаните кои се наоѓаат во Украина, а кои сѐ уште не ги оставиле своите податоци во Амбасадата, да ја контактираат Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев.
„Воедно ги потсетуваме сите нашите граѓани, и оние кои се наоѓаат овде и оние кои се наоѓаат во Украина, или било каде, да ги следат и да се информираат од официјалните канали на информирање кои доаѓаат од Министерството за надворешни работи, социјалните мрежи на Министерството и Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев. Министерството за надворешни работи ќе продолжи да ги следи состојбите во Украина и навремено да информира за евентуални насоки за постапување за нашите државјани“ – стои во соопштението.