МНР на Украина: Ова е чин на војна, напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина

Министерството за надворешни работи на Украина во врска со новиот бран на руска агресија врз Украина:

Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин најави почеток на нов бран на агресија против Украина.

Целта на руската офанзивна воена операција е уништување на украинската држава, насилно заземање на украинска територија и воспоставување окупациска контрола.

Руските војски остваруваат напади на мирните украински градови од различни правци, вклучително и од страната на привремено окупираните Донбас и Крим, како и североисточниот регион.

Ова е чин на војна, напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, грубо кршење на Повелбата на ООН и основните норми и принципи на меѓународното право.

Украина го активира своето право на самоодбрана во согласност со меѓународното право.

Борбениот дух на украинските војници е висок, нашите бранители се подготвени да и дадат решителен отпор на државата агресор и со сите сили ќе ја бранат украинската земја.

Украина ја повикува меѓународната заедница веднаш да дејствува. Само обединети и решителни чекори можат да ја запрат агресијата на Владимир Путин против Украина.

Нашите партнери мора веднаш да активираат пакет на нови санкции. Исто така, ги повикуваме и пријателските престолнини да продолжат да ги зајакнуваат одбранбените способности на нашата држава преку обезбедување оружје и воена опрема.

Од нашиот заеднички одговор сега не зависат само животите и безбедноста на украинските граѓани, туку и безбедноста на граѓаните на Европа и иднината на светскиот поредок.