Шарл Мишел – претседателот на Европскиот совет денеска изјави дека е убеден оти сите прашања поврзани со предложената забрана за увоз на руска нафта ќе бидат решени до следниот состанок на Советот, на 30. мај.
Мишел на прес-конференција со шведската премиерка Магдалена Андерсон изјави дека, иако се уште е убеден дека ЕУ ќе може да ги реши сите прашања, за тоа ќе треба многу дијалог.
„Работиме многу напорно за да останеме обединети“ – нагласи Мишел.
Премиерот на Унгарија – Виктор Орбан претходно испрати писмо до Мишел, во кое се наведува дека предложените санкции на ЕУ, кои вклучуваат ембарго на руската нафта, не треба да се дискутираат на самитот на лидерите на ЕУ следната недела.
Орбан наведува дека е малку веројатно да се најде решение за предложените санкции до самитот на лидерите на ЕУ. Тој нагласи дека Унгарија не може да се согласи со предложените санкции додека не се решат сите отворени прашања.