Здравствениот систем се подготвува за евентуална појава на мајмунски сипаници

„Комисијата е загрижена од ширењето на вирусот на мајмунски сипаници и од појавените случаи надвор од ендемичните басени во централна и западна Африка.  Состојбата внимателно се следи, но не треба да има паника зашто оваа епидемија, од која во светот има стотина случаи, не е идентична и пропорционална со сѐ уште актуелната пандемијата со КОВИД-19“.

Ова денеска го порача д-р Злате Мехмедовиќ – портпарол на Комисијата за заразни болести.

На денешниот состанок на Комисијата се разговарало за дефинирање клинички патеки за следење, скрининг и дијагностика на пациентите кои евентуално ќе бидат заболени од мајмунски сипаници со цел здравствениот систем да биде подготвен и, како што рече, колку што е можно подобро да одговори на евентуална епидемија и во нашата земја.

Македонскиот Институт за јавно здравје (ИЈЗ) контактирал со Светската здравствена организација за да се набави посебна опрема за дијагностицирање на овој вирус, а се разговара и за набавка на потребната терапија.

„На состанокот договоривме внимателно да ја следиме ситуацијата и да обезбедиме сѐ што е потребно за навремена дијагностика и третман на евентуални пациенти коишто би биле во нашата држава.  Вирусот на мајмунски сипаници иако во светот постои речиси половина век, многу ретко се наоѓаше на овие простори и, практично, дијагностичките и терапевтските процедури коишто се достапни се некако оскудни во овој дел од Европа. Така што сите земји во моментот имаат проблеми за да обезбедат квалитетна дијагностика и третман на своите пациенти. Меѓутоа,  Институтот за јавно здравје уште минатата недела стапи во контакт со Светската здравствена организација за да се обезбедат посебни дијагностички китови за ПЦР-тестирање за мајмунските сипаници“ – рече Мехмедовиќ на прес-конференција.