„Во февруари или март да се формира техничка влада, a во мај или јуни да се одржат предвремени парламентарни избори“. Ова на денешната прес-конференција го рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој смета дека „предвремените парламентарни избори се единствено решение за излез од сеопштата криза во државава“.
„Предвремените избори не се секогаш најдоброто решение, но во состојба кога е јасно дека постојат сериозни проблеми, кога нема начин ниту пак било каква шанса оваа Влада нешто да промени, кога генерации повторно се оставени конечно да чекаат пред портите на ЕУ, предвремените парламентарни избори се единственото решение за излез од оваа политичка, економска, енергетска, дипломатска, сеопшта криза во државава“ – рече Мицкоски.
Мицкоски смета дека во земјава е потребен „нов импулс, нова сила за реформи, една заедничка платформа, обединување околу нов договор со народот, за работите кои му се важни на народот“.
„Ова е отворен апел до власта за брзи избори, како единствено решение за излез од политичката и економска криза и наша обврска за борба за нова иднина кон која сите заедно се имаме обврзано. Воедно барам и општествена поддршка на поединци и општествени групи да го поддржат овој наш предлог за избори, да не губиме ниту месец повеќе, затоа што така ќе направиме и општествена мобилизација, силен активизам“ – додаде меѓудругото Мицкоски.