
Мицкоски, Фамилијата и „Дезертерите“: Видена авторитарна матрица
Токму последните јавни настапи на Мицкоски ја потврдуваат оваа авторитарна матрица. Моментот кога партијата се прогласува за „големо и широко семејство“ – како што самиот рече – и кога се бара „ред“, тогаш секој што не мисли исто веднаш станува „дезертер“. „Секој оној кој што дезертирал од семејството... го предал семејството, лажно се претставува,“ – рече тој. Во таа нова структура нема место за несогласување, туку само за безусловна лојалност.
Александар Бежовски
Полека, многу полека, почнува да се исцртува една позната слика. Не само односот кон поединците, туку и поширокиот модел – начинот на однесување кон сите кои се осмелуваат да мислат поинаку. Она што одамна го насетував во јавните настапи – тие ситни пукнатини на нетрпеливост и тивки предупредувања – сега полека излегува на површина. Мириса на нешто што веќе сме го дишеле. Не, не мислам на депонијата во Трубарево.
Сега појасно се чита меѓу редовите – и во самите јавни пораки и говори во кампањата. Немам намера да тврдам со непобитни факти; политиката секогаш носи сенки и полутонови. Но некои сигнали се премногу гласни за да се игнорираат.
Интересно е што на локални избори се најавуваат кадровски промени во судството – како да се избира Судски совет, а не градоначалници. Таквите пораки не се само кадровска политика. Тие се сигнал дека моќта сака да си ги среди релациите и критичарите на начин добро познат од претходните владејачки структури.
Не можам, а да не ги спомнам имињата кои оставија длабок белег: Груевски, Мијалков… Тие го означија моментот на прекршување на нашето демократско растење. Тоа не беше само политичка тегоба, туку колективна траума што не смее да се заборави. Кога лидерот не бара совет, туку амин; кога политичкиот подиум се претвора во престол – тогаш митот за „Дон“ станува реалност. А во таква структура, критиката не е дијалог, туку ерес.
Ризикот тогаш не е само за „непослушните“ – тој е за сите граѓани, за самата идеја на демократијата и за стабилноста на регионот.
Веројатно професорката Сиљаноска-Давкова не му одржала предавање на Мицкоски што значи „партија“ по дефиниција – дека таа не е семејство, ниту сопственост.
Токму последните јавни настапи на Мицкоски ја потврдуваат оваа авторитарна матрица. Моментот кога партијата се прогласува за „големо и широко семејство“ – како што самиот рече – и кога се бара „ред“, тогаш секој што не мисли исто веднаш станува „дезертер“. „Секој оној кој што дезертирал од семејството… го предал семејството, лажно се претставува,“ – рече тој. Во таа нова структура нема место за несогласување, туку само за безусловна лојалност.
Во 21 век да се зборува за предавство, да се лепат етикети на оние што мислат различно, е само модерна форма на стара реторика која го уништува јавниот дијалог.
Затоа, потребни се две едноставни нешта: будност и свест.
Од сопствено искуство знам дека кога партиските врвови постапуваат слично, институциите стануваат декор, а не столбови на државата. Тие се колективниот имунолошки систем на општеството. Ако тој систем се зарази – сите стануваме ранливи пред желбата на моќта за апсолутна контрола.
Ако се урне довербата во институциите, цената ќе ја платиме сите.
Нека јавноста биде будна – за да не се вратиме во мрачното доба. Тоа е најдобриот лек против автократските тенденции, и најсилната одбрана на слободата.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“