Мицкоски: Сведоци сме на историја важна за нашиот народ и нашата Македонија!

Христијан Мицкоски – претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со честитка до МПЦ-ОА за признавање на автокефалноста од СПЦ. Тој вели дека ова е голем ден и порачува дека денешната одлука значи дека македонската црква мора да е обединета како и народот за да можат сите премрежја и искушенија да станат премостливи.

„Честитки за мудроста, обединетоста и достојноста на Синодот и неговото блаженство г.г. Стефан, за градењето на мостови, за бранењето на нашиот идентитет и вредности во кои веруваме, за премостените децениски и вековни јазови. После одлуката на Вселенската патријаршија, како и оваа денес, сведоци сме на историја важна за нашиот народ и нашата Македонија“, се вели меѓудругото во честитката на Мицкоски.

Поглаварот на СПЦ – господин Порфириј на денешната заедничка литургија на СПЦ и МПЦ – ОА во Скопје ја призна автокефалноста на Македонската православна црква. Тој во својот говор изјави дека сега на чекор се Синодите на двете цркви да ги завршат правните документи, по што ќе биде изготвен официјалниот акт и сите останати православни помесни цркви по канонскиот ред да бидат известени.