„Мене ми пречи тоа што кога до мене ќе дојде информација дека постои основано сомнение дека се дели рекетот помеѓу Ковачевски и Крешник, тоа ми пречи, не ми пречи што има министер Албанец, пратеник или директор. Ми пречи, кога ќе дознаам дека земаат рекет од бизнисмените, и за кој постои основано сомнение дека го делат. Тоа кога ќе го нема, тогаш можеме да зборуваме. Инаку, што се однесува до албанофобијата која што вие ја кажувате и која што тие се обидуваат перцептивно да ја наметнат – тоа е уште еден начин да практично на местото на чесните луѓе, без разлика дали се тоа Македонци или Албанци, останат луѓе кои што ќе делат рекет на тие позиции таму каде што се а потоа тој рекет ќе го дистрибуираат во централата“. Ова меѓудругото вечерва на тв Канал го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.
Тој рече дека „цени дека час поскоро треба да седнеме на една лидерска средба, да ги договориме правилата на играта и да одиме на предвремени парламентарни избор“. Мицкоски потврдно одговори на прашањето дека ВМРО-ДПМНЕ планира протести во наредниот период.
Се осврна и на вербалните напади од страна на ДУИ кон ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека нивната политичка мантра и филозофија на делување е криминалот и национализмот.
„Секогаш кога ќе треба да се подели по некој сомнителен тендер или да се случи нешто коруптивно, тогаш, ајде ќе ги делиме луѓето и ќе ја монополизираме позицијата на Албанците во Македонија дека таа е приватна сопственост и ексклузива на само една партија – ДУИ. Тоа е погрешна теза. И секогаш кога ќе треба да се допаднеме на некој меѓународен фактор, тогаш ќе прифаќаме Опен Балкан игнорирајќи го Косово, или пак ќе форсираме зелена агенда која никој жив не ја разбира од нив, ама слушнале во Брисел дека тоа е модерно и ајде сега ќе го повторуваме. Но, кога треба да врват тендерите, тогаш на сцена стапува национализмот и ексклузивата и монополизирањето на Албанците“ – рече Мицкоски.