Мицкоски: Нема да дозволам да се чепка македонскиот идентитет

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски во интервју за тв Алфа вели дека не очекува динамична година на промени, додавајќи дека на полето на евроинтеграциите ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се чепка во македонскиот идентитет и да се прифати бугарската Резолуција да биде дел од преговарачка рамка.

„Кога зборуваме за европерспектива, не очекувам дека нешто би можело драматично да се смени. Длабоко сум убеден дека не постои план 5+1 или како сакаат нека ги нарекуваат, затоа што постои Резолуција на бугарскиот Парламент. Во таа резолуција има точки кои што се неприфатливи за нас како народ, па дури и за политичари како и Зоран Заев, затоа што преставува сериозно негаторска и асимилаторска политика. Се додека таа резолуција постои, договор нема. Ќе имаме закочен евроинтегративен процес“ – рече Мицкоски.

Мицкоски порача дека во првиот момент кога резолуцијата ќе биде повлечена или заменета со друга, ќе може да се има договор.

„Ако направат таков будалест чекор и да ја прифатат таа резолуција,  да биде дел од евентуална преговарачка рамка, тоа ќе биде конечна асимилација или блокирање на евроинтеграциите, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема намера да преговара за Резолуцијата на бугарскиот Парламент и таа да стане дел од преговарачката рамка и тоа да им е јасно на сите.  Нема намера ВМРО-ДПМНЕ како идна влада ниту една точка да смени во македонскиот идентитет, каков сака нека е тој притисок. В МРО-ДПМНЕ нема да дозволи ни милиметар да се чепка во македонскиот национален идентитет“ вели Мицкоски.