„Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка која е контраверзна и недостоинствена за Република Македонија овие денови влегува во собраниска процедура. Сакам на почетокот јасно да подвлечам дека независно што ќе се расправа во Собранието, за нејзиното прифаќање пресудно беше влијанието на Владата на СДСМ и ДУИ која игнорирајќи ја волјата на огромното мнозинство граѓани, на сила сака да протурка процедура која е во целосна спротивност со државните и национални интереси”.
Ова изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски во своето видео обраќање до пратениците на СДСМ.
Тој додаде дека се работи за информација која Собранието ја носи со просто мнозинство, односно со 41 пратеник од присутни 61. Суштински, усвојувањето, односно неусвојувањето на оваа информација нема да смени ништо посебно бидејќи Владата на Ковачевски истата веќе ја прифати.
Мицкоски ги повика пратениците на СДСМ да не подлегнуваат на притисоците на власта и да постапат исклучиво според сопствената совест.
„Пратеници од СДСМ, Вие отфрлете ја информацијата на Владата, а јас ви ветувам дека нема да барам избори и ќе поддржам опстојување на оваа влада, па макар било тоа и малцинска, само Македонија да не биде уценетата и понижена и да не се прифати она што сега ни се нуди. Мојата понуда е чесна и искрена и таа е водена исклучиво од интересите на народот и иднината на нашата Македонија” – рече Мицкоски.