„Да бидеме по прецизни. Тој бара сето тоа кое што е барање на Софија, а тоа барање се темели на декларацијата од бугарскиот парламент од ноември 2019 да биде содржано во преговарачката рамка, најверојатно како поглавје 35. Тоа е тоа што го бара Радев и вели, додека ова не се исполни јас не можам да дозволам да имаме прва меѓувладина и не можам да дозволам почеток на преговори. Тоа е суштината, тие се тие гаранции. Кога станува збор за гаранции морам да кажам дека јас бев тој првиот кој што во Македонија почна да зборува за гаранции и тогаш бев осуден, односно бев нападнат од страна на владата на СДСМ и на ДУИ, но гледаме дека таа работа во таа насока се свижи и секој паметен човек и човек патриот кој што си ја сака својата држава и граѓаните без разлика на нивната припадност, нормално е да има зрела меѓународна политика за разлика од нашата „домат дипломатија“ која што гледаме дека има сериозни осцилации“.
Ова денеска го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски како коментар за барањето на бугарскиот претседател Радев кој побарал писмени гаранции од Макрон за Македонија, дека земјава ќе го испочитува договореното кон Бугарија.
Тој додаде дека доколку таквото барање влезе во преговарачката рамка ќе значи комплетна капитулација, или во превод асимилација и европска иднина, или никогаш нема да имаме европска иднина и дека ВМРО-ДПМНЕ не ни помислува да поддржи такво нешто во Парламентот.
„Така што ако тоа го прифати оваа влада, тоа значи комплетна капитулација. Да преведам, или асимилација и европска иднина, или никогаш нема да имаме европска иднина. Тоа е изборот, немаме трета опција. Да влезе тоа во преговарачката рамка подразбира, ќе повторам, асимилација и бугаризација сега кога практично и јасно станува дека преку Охридската Архиепископија имаме многувековна различност во однос на бугарскиот и останатите балкански народи, некој сега повторно да не враќа неколку чекори назад и повторно да прави ново предавство и нови отстапки. Тоа ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот доколку дојде да се гласа, доколку се потребни две третини, нема намера ниту да помисли да го прифати а камоли за нешто друго. Инаку, Ковачевски и Османи може да си стават потпис на било што они мислат да си стават потпис. Јас го разбирам Османи, но не можам да го разберам Ковачевски“ – рече Мицкоски.
За датум за преговори во јуни, потребно е да имаме предвремени парламентарни избори, затоа што народот тоа го бара од нас политичарите, рече Мицкоски.
„Ние и да добиеме и да не добиеме датум, потребно е да имаме предвремени избори, народот тоа на сите анкети го бара од нас политичарите, бидејќи повеќе од три четвртини наши сограѓани мислат дека Македонија се движи во погрешна насока и дека оваа Влада треба да си замине“ – изјави тој.