Минатата недела секој трет тестиран бил позитивен на Ковид 19

Од 24. до 30. минатиот месец во земјава се регистрирани вкупно 11.916 нови позитивни случаи на Ковид-19, што претставува зголемување од 2,7 % во однос на претходната седмица. Тестирани се вкупно 38.518 материјали. Процентот на позитивност се движел од 22,5% до 35,8%, просечно, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи над 60 години и од 30 до 39 години.

Најмал број има кај децата до 9 години.

Минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 13.041 лице кои биле хоспитализирани или на домашно лекување. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.558 реинфекции, речиси идентично како и претходната недела.

Пријавени се 148 смртни случаи во 26 градови, за 38,3% повеќе во споредба со претходните седум дена.

Најголем дел се од Скопје (48). Во однос на возраста, 89,2% од починатите се над 60 години.

Во земјава вкупно 866.227 лица се вакцинирани со барем една доза вакцина. Комплетно вакцинирани (со две дози) се 842.917, а трета доза примиле 128.268 лица.