Милков: Бугарското МНР ќе дефинира конкретни обврски на институциите во Бугарија во однос на дијалогот со Скопје

„Непосредна задача на бугарското Министерство за надворешни работи во однос на билатералниот дијалог со Македонија ќе биде усвојување на писмен документ, што ќе ги дефинира задачите на институциите во Бугарија со конкретно утврдени обврски“.

Ова го изјави шефот на бугарската дипломатија Николај Милков.

Тој нагласи дека неговата заменичка Велислава Петрова, која беше заменик и на неговата претходничка Теодора Генчовска, ќе продолжи да биде одговорна за билатералниот дијалог меѓу Бугарија и Северна Македонија, истакнувајќи дека таа направила многу за односите на Софија со Скопје, како и за аплицирањето за членство на Бугарија во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Милков и оддаде признание и на претходната бугарска Влада во врска со напредокот на односите со земјава, нагласувајќи дека таа постигнала многу, а можела да го остави ова прашања на страна, во услови кога беше близу до губење на мнозинството во Народното собрание на Бугарија.

„Треба да можеме да го консолидираме напредокот што беше постигнат во билатералните односи со Република Северна Македонија. Претстои многу конкретна работа“ – изјави Милков.

Според Милков, политиката на Софија кон Балканот ќе биде фокусирана и на други проблеми во регионот, како што се тензиите меѓу Србија и Косово и случувањата во Босна и Херцеговина.