
Мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“ од Битола, вечер ќе има целовечерн концерт во катедралата „Св. Михаил“ во Дубровник, а утревечер во Домот на култура во Груда, Kонавле.
Членовите на хорот ќе настапат под диригентство на Лилјана Трајковска-Димевски и за хрватската публика ќе изведат дела од македонскиот фолклор обработени за четиригласен хор, како и современи хорски композиции.
Како што е најавено, посебен момент од втората вечер од гостувањето во Хрватска, ќе биде заедничкиот настап на хорот „Стив Наумов“ и хорот „Конавле“ кои ќе ја изведат композиција „Конавската венчавка“, која хористите ја подготвија на работилница „Ајде да танцуваме, ајде да пееме“.

Мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“ е најстар македонски хор, формиран на 6 ноември 1944 година, и во својата историја приредил бројни концерти. Неговото викенд гостување во Хрватска го организира ХКЦ „Марко Марулиќ“ од Битола и се реализира со поддршка на Општина Битола, Општина Конавле, Туристичката заедница на Конавле и Градот Дубровник.