МВР одзема телефони на малолетници во врска со лажните дојави за бомби

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски утрово информираше дека минатата недела, поточно на 22 март била поднесена кривична пријава против еден малолетник во врска со лажните дојави за бомби во училиштата кои го нарушија образовниот процес.

Според Спасовски, ова значи дека практично било навлезено во една група на лица кои биле вклучени во испраќањето на лажните дојави.

Министерот, во утринското гостување на јавниот радио-дифузен сервис, посочи и дека овие лица ги повикувале на разговор во полициска станица и им ги одземале мобилните телефони.

Тој се осврна и на промената на протоколите за постапување при ваквите ситуации.

„Протоколите беа променети заради нивната застареност и несоодветствувањето на новите прилики со денешните, наспроти времето кога се донесени. На пример, електронските дојави воопшто не беа опфатени со тие протоколи. Како држава ќе продолжиме интензивно да ја зајакнуваме својата сајбер безбедност, процес во кој влегуваат сите држави во регионот и пошироко“, рече Спасовски.

Мета.мк вчера ги анализираше сите дојави за поставени бомби во училиштата и во 42 други објекти. Според анализата, 905 дојави биле пријавени во осум градови, од кои 876 биле во основни и во средни училишта. Речиси третина од дојавите се случиле во среда, а најретко дојави имало во понеделник. Февруари бил месец на најмногу дојави – само пет дена во текот на училишната недела (без да се земат предвид викендите), немало лажна дојава за поставена бомба во објект на некое училиште. Почеста цел биле основните отколку средните училишта.

Полицијата досега осомничи тројца малолетници дека стојат зад некои од лажните дојави за поставени експлозивни направи, а со последната пријава, бројката се зголеми на четворица малолетници.

Инаку, Спасовски, на 6 март изјави дека последните дојави за бомби се испраќани од адреси за интернет протокол, попознати како IP адреси, од Иран и Русија. Тој исто така додаде дека лажните закани биле испратени преку адреси на Виртуелни приватни мрежи (VPN) чии провајдери биле исто така од Русија и Иран, а истите биле платени со криптовалути.