„Франција е многу важна држава членка на ЕУ без која не може да се утврди крупна политика во проширувањето, тоа го видовме и осетивме на своја кожа во 2019 година. Сметам дека напорите на претседателот Емануел Макрон се искрени. Тие помагаа и досега, заедно со Германија и други фактори, но тоа не значи дека проблемите ќе ни ги реши некој друг, туку дека треба да имаме амбиент во кој ќе имаме европско решение базирано на европски вредности“. Ова е изјава на вицепремиерот за европски прашања – Бојан Маричиќ во „Утрински брифинг“.
Според него, тоа што е важно и добро, е што Франција, која во минатото често ја избегнуваше темата за проширувањето, денес има појасна, поотворена и поамбициозна политика кон Балканот.
„Тоа сметам дека е важно и добро. Позитивно. Затоа и треба да работиме со Франција на овие прашања, бидејќи интересот на Франција за Балкaнот е зголемен во последните две-три години“ вели Маричиќ кој најави дека во текот на денот ќе има средба со францускиот амбасадор, а наскоро ќе замине и во посета на Париз.
За посетата на бугарскиот премиер Петков на Скопје, Маричиќ вели дека дава нов импулс и енергија на односите. Тој истакна дека државен интерес е час поскоро да се тргне ветото од страна на Бугарија, но тоа не треба да се прави по секоја цена.