Германскиот министер за здравство: Бранот ќе има пик во средина на февруари, може да има стотици илјади инфекции дневно

„Германија до средината на февруари би можела да брои по стотици илјади нови инфекции на коронавирус дневно“. Ова е предупредувањето кое денеска го испрати германскиот министер за здравство – Карл Лаутербах. Тој изјави дека прогнозата е темелена на реалистични сценарија.

„Би можеле да претпоставиме дека бранот ќе го има пикот кон средината на февруари и дека ние тогаш мораме да очекуваме неколку стотици илјади случаи дневно“ – тврди Лаутербах.

Според него, има земји чии болници може да се справат со тие бројки на заболени, но во Германија ситуацијата е поинаква.

„Бидејќи имаме голем број на невакцинирани постари лица во Германија, исходот би можел да биде сосема поинаков од тој во Италија, Франција или во Англија, на пример“ – посочи Лаутербах.

Тој смета дека бранот што во моментов се одвива во Англија и во Франција, допрва ќе ја погоди Германија.

„Очекувам вистинскиот товар на единиците за интензива нега да дојде кон средината, крајот на февруари. Тоа ќе биде стрес тест, а не она што го гледаме сега“ – рече Лаутербах.