Бојан Маричиќ – заменик претседателот на Владата за европски прашања имаше средба со Кристиан Вегенин, заменик-претседател на Народното Собрание на Република Бугарија, во рамки на денешната официјална посета на бугарската делегација предводена од премиерот Кирил Петков.
Двајцата функционери испратија заедничка порака дека мора да се прошири полето на соработка помеѓу двете земји и чекор по чекор да се решаваат отворените прашања.
Маричиќ на средбата истакнал дека од суштинско значење е да се воспостави блиска соработка и комуникација на сите полиња и нивоа. Во таа насока, Северна Македонија ќе започне со активирање на работните групи и тела кои се потребни за отпочнување на еден динамичен процес на евроинтеграција, а на кои треба да се гледа како на мостови за натамошна транспарентна и инклузивна соработка меѓу двете земји.
Обединети се дека од заеднички интерес за двете земји е и меѓусебно поврзување на невладиниот сектор, бизнис заедницата и академската фела, што ќе резултира со подобрување на атмосферата помеѓу народите на двете земји.