Маричиќ: Вангеловски и Маневски ме напаѓаат за влијание врз судството, а тие беа симбол на заробено судство

Бојан Маричиќ – актуелниот министер за правда за „Утрински брифинг“ ја објасни хајката против него откако на Фејсбук објави реакција на одлуката на Апелацискиот суд за ослободување на Мијалков од притвор. Тој апелираше до Судскиот совет да ја преиспита одлуката на судиите Ѓоко Ристов и Енвер Беџети, по кој основ ја донеле ако се има предвид дека Мијалков претходно беше недоспатен за органите на прогонот неколку дена.

„Ниту на каков било начин имам влијаено врз одлуките на судот. Само упатив само повик до судиите да си ги дообјаснат своите одлуки. Кога имаше криза со обидот за бегството или полуобидот за бегство на Мијалков прстот беше вперен кон извршната власт. Сметам дека независното судство треба да си ги објасни своите одлуки на јавноста. Не може секогаш поради некои неиздржани одлуки на судиите и обвинителствата секогаш да биде виновна извршната власт. Ништо лично против Мијалков не сум имал“ рече денеска Маричиќ.

Тој смета дека единствен притисок врз Судскиот совет бил да си ја врши работата чесно, одговорно и професионално во рамките на законот.

„Ако јас сум користел полуги за некаков притисок тоа секако нема да било јавно, преку Фејсбук статус. Јово Вангеловски и Михајло Маневски многу добро знаат дека не би реагирал јавно преку Фејсбук. Во тоа време немаше Фејсбук статуси, но имаше многу други механизми кои се напишани во меѓународни извештаи. Јас немам потреба јавно да реагирам, ако би сакал и ако би можел да влијаам на судството“ рече Маричиќ.

Министерот порача дека целта му е да ја повика судската фела на отчетност, а за хајката од колегите рече:

„Вангеловски и Маневски е трагикомично мене да ме напаѓаат за влијание врз судството, а тие беа симбол на заробено судство. Сега толку многу е различно судството и апсолутно е смешно да се споредува. Маневски е причина поради која ЕК и Венецијанската комисија препорача министерот да не присуствува на сесисите на Судскиот совет. Има шест разрешувања на судии од Маневски кои паднаа во Стразбур и за кои државата плаќа оштета. Вангеловски е избран за претседател на Врховен суд кој беше именуван без ден работа како судија. Има кривична пријава за манипулации со притворски случај. Има пријави за злоупотреби на службената должност. Сакав да објаснам кои се ударната тупаница против мене“ рече Маричиќ.