Малку возбудувања и реми без голови на Уругвај и Јужна Кореја

Со големото искуство кое го имаат во своите редови Уругвајците не успеаа да го стартуваат со победа Мундијалот во Катар. Во нивниот прв натпревар денес против Јужна Кореја ремизираа 0:0.

Селекторот на Уругвај одлучи на ова Светско првенство да се потпре на искуство, па и во стартниот состав денес шанса добија играчи како Суарез, Касерес, Годин…Кавани влезе во игра во второто полувреме на местото на Суарез. Диего Годин во 42. минута по еден корнер ја погоди стативата од голот на Корејците.

Не донесе многу фудбалска убавина овој натпревар, не изобилуваше со шанси се играше во главно на средината на теренот без многу прекини. Со оглед какви продолженија гледавме на овие натпревари треба да се спомене дека првиот дел беше продолжен само една минута. Статива со удар од далечина погоди и Валверде во второто полувреме.

Јужна Кореја предводена од ѕвездата на Тотенхем Сон знаеше на моменти да се закани, меѓутоа не беа тоа оние 100% прилики за гол. Токму Сон по едно погрешно додавање на голманот на Уругвај имаше голема шанса во 90. минута, но неговиот удар заврши покрај голот.

Веќе од 17:00 часот се игра новиот натпревар во оваа група, а тоа е пресметката помеѓу Португалија и Гана, вечерниот термин од 20:00 часот е резервиран за дербито Бразил – Србија.