Малата Ембла од Гостивар се враќа во училница

Гостиварскиот градоначалник, Арбен Таравари најави дека проблемите со отпорот на некои родители, дете со даунов синдром да следи настава во училиштето „Единство-Башкими“ ќе бидат надминати. Тој по средбата со таткото на малата Ембла и раководството на училиштето потврди дека таа ќе се врати во училницата за 4 одделение. Оваа одлука доаѓа по средбата на градоначалникот на Гостивар со директорот на училиштето, таткото на Ембла, персоналниот асистент и дефектолог во просторијата во која девојчето добива поддршка од стручно лице.

Таравари појасни дека на почетокот на декември минатата година, неколку родители реагирале и се пожалиле на нејзиното однесување и направиле петиција, но за тоа не бил информиран.

„Во согласност со мајката, девојчето било префрлано во други одделенија за се адаптира. Тука настанал пропуст, бидејќи тоа е не добро за неа која има посебни потреби. Таа може да биде час или два во присуство на личната асистентка и дефектолог во една форма на третман што би придонело за нејзина инклузија. Ова е прв ваков случај во нашата општина и никој не се пожалил, бидејќи има повеќе деца со даунов синдром кои се инклузирани и следат настава. Сепак е добро што седнавме заедно да поразговараме и да се координираме за надминување на оваа состојба. Ембла повторно е во училница и таа треба да се чувствува како да е во нејзиниот дом“ – изјави Таравари.

Благодарност за приемот и средбата искажал и Илир Адеми, таткото на девојчето, кој искажа надеж дека ова ќе биде последен ваков случај.

Министерот за образование, Јетон Шакири, лично му ветил на таткото на 11-годишната Ембла, дете со Даунов синдром, дека ќе го реши проблемот.

Вчера беше пренесено дека родителите на ученици од ОУ „Единство-Башкими“ во Гостивар ја бојкотираа наставата, бидејќи не сакале таа да посетува настава со нивните деца, под изговор дека девојчето било агресивно.