Македонска иновација за гаснење пожар на литиумски батерии победи на светски натпревар на американското Министерство за одбрана!

Производот за сузбивање на пожар од литиумски батерии (Fire Suppression Solution for Li –Ion Battery) на скопската компанија ВЕДА е добитник на првата награда на меѓународниот натпревар за иновации во областа на струја и енергија (Electric Power and Energy) организиран од американскиот акцелератор xTechInternational, поддржан од Министерството за одбрана на САД. Негова цел е да поттикне учество на компании од целиот свет чии иновации можат да бидат применети во разни области за нивните потреби. Преку акцелераторот, избраните компании добиваат знаење и поддршка со која интернационалните компании кои се занимаваат со истражување и развој можат да се инкорпорираат и вклопат во бизнис моделите на американската армија.

Акцелераторот делува како катализатор за раст за компаниите преку различен вид на менторство. Со тоа се забрзува процесот на транзиција за компаниите за да можат полесно да соработуваат со американската армија и други организации на Министерството за одбрана, со цел да се изнајде решение за критични проблеми во клучни области.

Наградената македонската иновација е на Борис Јанковски чија компанија уште од своето основање во 1991 работи исклучиво на истражување и развој на нови технологии. ВЕДА е компанија која во своето портфолио има неколку иновативни технологии што ги има продадено низ светот.

Последната иновација е решение за двостепена заштита на литиумските батерии но внатре во самото пакување како интегриран ситем на целата батерија. Литиум јонските батерии се употребуваат во електрични возила, тротинети, автобуси, акумулатори и друга опрема која користи електрична енергија. Една од најзначајните слаби точки кај Li-ion батериите е појавата на термално распаѓање или Thermal Runaway, што е неконтролирана состојба на самозагревање и запалување на Li-ion батеријата. Ова е хемиска реакција во внатрешноста на батеријата во ќелиите.

Хемиската реакција, која штом се иницира не може да се запре, резултира со исфрлање на отровен гас, шрапнели и екстремно високи температури кои можат да ги загрозат животите на луѓето, како и безбедноста на секаков вид опрема или возила во кои се наоѓа батеријата. Пожарот во литиум-јонските батерии обично завршува со целосно уништување на батеријата, а во повеќето случаи со уништување на опремата во која се наоѓа (возило, електронска опрема, акумулатори за напојување и сл.).

Искра Јанковска Михајловска, директорка на оваа семејна фирма, вели дека ова е големо признание за тимот инженери од компанијата затоа што доаѓа од САД каде што конкуренцијата во областа на иновациите во технологии и техника е огромна, а натпреварот беше меѓународен и во него учествуваа компании за истражување и развој од цел свет. Исто така, жирито на овој натпревар беше составено од врвни специјалисти и доктори на науки во разни области кои се однесуваат на секторот струја и енергија, така што нивната одлука за оваа прва награда е големо признание за вложеното знаење во процесот на истражување и развој за тимот на ВЕДА.