Македонската амбасадорка повикана во бугарското МНР за нападот на клубот во Охрид

Бугарија на македонската амбасадорка во Софија ќе и’ врачи остар демарш по повод нападот врз бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.

„Ова кривично дело е трет напад врз клубот „Цар Борис Трети“ за помалку од два месеци. Претходниот напад беше извршен пред само два дена, за што Министерството за надворешни работи испрати вербална нота до амбасадата на Северна Македонија во Софија. Ја забележуваме реакцијата на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, но категорично не прифаќаме вакви тешки кривични дела да се дефинираат како вандалски чин“, се нагласува во ставот на бугарското МНР.

Министерството очекува надлежните органи во Македонија во најкраток можен рок да преземат активности за откривање и изведување на лицето на правдата на „сторителите на злосторството врз клубот Цар Борис Трети“.

Веќе синоќа бугарските дипломати детално го информирале раководството на Европската комисија за инцидентот во Охрид. Веднаш по нападот на местото на настанот пристигнал бугарскиот конзул во Битола, Димитар Иванов. Во просториите на клубот внатре биле пронајдени 8 чаури, пишува БГНЕС.

Македонското Министерство за надворешни работи синоќа го осуди оштетувањето на стаклото на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.