
Македонија се подалеку од ЕУ: Освен уставните измени, пречка се мешањето во судството и борбата против корупцијата
Македонија нема да биде вклучена во групата на земји кандидати покрај Црна гора, Албанија, Молдавија и Украина што ќе добијат патокази за членство, туку ќе добие и порака дека не направи ништо околу уставните измени.
Македонија нема да биде вклучена во групата на земји кандидати покрај Црна гора, Албанија, Молдавија и Украина што ќе добијат патокази за членство, туку ќе добие и порака дека не направи ништо околу уставните измени.
Европската комисија во извештаите за прогресот на земјите кандидати за влез во ЕУ денес ќе порача дека овогодишната проценка – е последната што ќе ја направи за Црна Гора, бидејќи се предлага во јуни идната година таа да потпише договор за членство во ЕУ. А, Македонија ќе чека на подобри времиња, барем според заклучоците од новиот Извештај на Европската комисија. Иако во извештајот за годинава има и добри и лоши оценки, таа денес како земја е далеку од рефлекторот во ЕУ.
„Не беа преземени обиди за усвојување на соодветните уставни измени наведени во Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година. Земјата се обврза да ги иницира и спроведе овие измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓаните кои живеат во рамките на државните граници и кои се дел од други народи, како што се Бугарите“, стои во оценката на Европската комисија.
Според ЕК, потребни се значителни дополнителни напори за промовирање атмосфера на дијалог и меѓусебна почит со Бугарија , а забелешка има и за работата на историската комисија која не дала конкретни резултати.
Европската комисија препорачува континуиран дијалог помеѓу Македонија и Бугарија во контекст на заедничката соработка за Коридор 8 и проектите на истиот, додека притоа се повторува ставот дека „постојните билатерални договори со соседните земји треба да се спроведат со добра волја од сите страни, вклучувајќи го и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“. ЕК претходно се забележува дека има и непочитување на релација со Грција поради одбивањето на наши функционери да го користат уставното име на државата.
„Членови на владата и високи функционери понекогаш не го почитуваат Преспанскиот договор, вклучително и преку некористење на уставното име на земјата, што може негативно да влијае врз добрососедските односи“, стои во оценката што преставува најава за враќање на спорот со Грција повторно на политичката сцена поради задртоста на нашата влада.
Освен уставните измени како директна пречка за напредокот на земјава кон ЕУ, најголемите или најсуштинските проблеми се судството, борбата против корупцијата и демократијата.
„Мешањето во судовите останува сериозна грижа. Провокативните изјави на високи политичари во врска со плановите за „чистење“ на правосудството и обвинителството, вклучително и личните критики упатени кон судии и обвинители, претставуваат недозволено влијание и заплашување, со што се поткопува независноста на правосудството. Во ноември 2025 година, во еден досега незабележан потег, Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии излегоа со заедничка реакција на постојаните, неосновани јавни критики што доаѓаа од највисоките нивоа на власта. Во својата декларација, тие потсетија дека ваквите изјави го поткопуваат демократскиот принцип на поделба на власта и ја истакнаа потребата од почитување на независноста на судството. В, стои во оценката на ЕК.
Се бара Македонија да го забрза спроведувањето на Стратегијата за судски реформи; да ги спроведе новоусвоените закони за Судскиот совет, за Советот на јавни обвинители и навремено да го ревидира Законот за Јавното обвинителство за да ги зајакне тие институции. Тоа значи и да обезбеди пополнување на судските празни места, вклучително и преку забрзување на спроведувањето на стратегиите за човечки ресурси за судството и јавното обвинителство, како и обезбедување доволно средства.
И годинава „црвен аларм“ има за измените на Кривичниот законик за кој се најавува со месеци дека ќе биде донесен нов до крајот на годинава, бидејќи тогаш истекува рокот од Реформската агенда. И сега ЕК оценува дека корупцијата е распространета и претставува прашање за сериозна загриженост, а Кривичниот законик, ваков каков што е сега, не обезбедува казнивост.
„Измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, кои се однесуваат на злоупотребата на службената положба, не ги отстрануваат негативните последици од измените направени во 2023 година. Повторно е воведена посебна одредба за злоупотреба на службената положба во јавните набавки, но со многу потесен опсег отколку во правната рамка што важеше пред 2023 година. Ова кривично дело опфаќа само два основи, што е премногу тесно за да се опфатат други сериозни процедурални манипулации за време на постапката за јавни набавки, па затоа опсегот треба да се прошири. Исто така, измените не го решаваат соодветно влијанието на промените од 2023 година врз застарувањето на кривичното гонење“, порачува ЕК.
Според ЕК, „ случаите на корупција на високо ниво продолжуваат да се соочуваат со одложувања и честопати достигнуваат рок на застарување, придонесувајќи за перцепцијата за неказнивост. Препораките на Комисијата од минатата година не беа разгледани и затоа остануваат валидни.
Во наредната година, Северна Македонија треба да усвои нов Кривичен законик и нов Закон за кривична постапка во согласност со acquis на ЕУ и меѓународните стандарди; да го подобри својот увид во случаите на корупција на високо ниво — со навремени, професионални и транспарентни проактивни истраги, гонења, конечни пресуди и наплата, вклучувајќи конфискација на криминален имот, конфискација базирана на вредност, проширена конфискација и конфискација од трети страни; да додели доволно човечки и финансиски ресурси, вклучително и финансиски експерти, на Јавното обвинителство и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за да се обезбеди ефикасна одговорност на високо ниво во случаите на корупција. Државната комисија за спречување на корупција, пак, да ја подобри проверката на анкетните листови за имот“, стои во извештајот на ЕК.
Надвор од тоа, силна е забелешката дека во земјата „имало случаи во кои граѓанските општества и бранителите на човекови права се соочени со заплашување, онлајн вознемирување и кампањи за клевета“. Исто така се додава дека „родово-базираното насилство останува сериозно прашање на човекови права, кое опфаќа семејно насилство, психолошко, економско и сајбер насилство и фемицид“.
„Не беа преземени чекори за усогласување со правото на ЕУ за не- дискриминација и еднаквост, вклучително и родова еднаквост. И покрај реновирањето на некои затвори објектите, целокупната состојба во затворите останува ужасна“, оценува ЕК.
За работата на Парламентот стои дека и покрај тоа што има јасен Деловникот за работа, повторно не успеал да ја усвои својата годишна агенда.
За јавната администрација стои дека земјата донела закон за високата раководна служба, но дека тој има сериозни недостатоци во однос на составот на одборите за селекција, методологиите за избор и регрутирање на врвни менаџери и објективните критериуми за разрешување.
И натаму се бара целосна транспарентност во сопственоста на медиумите и распределбата на јавни средства за државно рекламирање, конкуренцијата и државната помош, како и права од интелектуална сопственост, како и институциите да постапуваат навремено околу сите закани и акти на насилство врз новинарите и да обезбедат дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
Иако Македонија и годинава е пофалена за усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, стои дека таа треба да се „ справи со предизвиците поврзани со спроведувањето на рестриктивните мерки на ЕУ, вклучително и правниот временски јаз помеѓу усогласувањето и формалното стапување во сила“.
За меѓуетничката состојба во земјата остана оценката дека е генерално стабилна, а Охридскиот рамковен договор продолжува да се спроведува, наспроти спротивните тврдења на ДУИ. Но, според ЕК, предизвиците остануваат.
Спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер останува на незадоволително ниво, при што некои јавни институции, забележува ЕК, „ ги одбиваат барањата или го одложуваат обелоденувањето на информациите врз основа на произволни причини“.
На крајот, се порачува дека „Северна Македонија треба да постигне опиплив напредок во борбата против производството и трговијата со недозволени дроги“.