
Литванија и Малта со рекорден раст на туризмот во Европа во 2025 година
Исклучителните перформанси на двете земји се резултат на комбинација од фактори, вклучувајќи ги стратешкиот маркетинг, наменските туристички понуди, подобрена поврзаност и силен фокус на одржливоста, со што Литванија и Малта поставија нови стандарди и докажаа дека и помалите земји можат да постигнат извонреден успех на конкурентниот европски туристички пазар.
Литванија и Малта во текот на 2025 година ги надминаа некои од најголемите европски туристички играчи, како Португалија, Грција, Италија и Шпанија, и по стапката на зголемување на бројот на посетители и на генерираните приходи.
Според „Травел анд тур ворлд“ (ТТВ), ваквите исклучителни перформанси на двете земји се резултат на комбинација од фактори, вклучувајќи ги стратешкиот маркетинг, наменските туристички понуди, подобрена поврзаност и силен фокус на одржливоста, со што Литванија и Малта поставија нови стандарди и докажаа дека и помалите земји можат да постигнат извонреден успех на конкурентниот европски туристички пазар.
Остварувањата на Литванија и Малта особено добиваат на важност ако се има предвид дека туристичкиот сектор низ цела Европа забележа извонреден раст во последните години, постигнувајќи значајни пресвртници во однос на бројот на туристи и генерираните приходи.
Туристичкиот сектор во Литванија изминативе години покажа стабилен и импресивен раст, заздравувајќи значително од влијанието на Ковид пандемијата. Така, во 2024 година земјата ја посетија речиси 1,4 милиони странски туристи, што претставуваше раст на годишно ниво од шест отсто и достигна околу 75 проценти од нивото на туристи пред пандемијата.
Оваа постави основа за понатамошни остварувања во 2025 година, при што само во првиот квартал беше регистрирано зголемување на бројот на странски туристи на годишно ниво од 18 отсто, а таквиот тренд продолжи и во следните тримесечја, со што се проценува дека вкупниот број на туристи надмина 1,5 милиони.
Како клучни земји на потекло на странските туристи што го поттикнаа туристичкото закрепнувањето на Литванија и натаму останаа Полска, Германија и Летонија, на кои им се придодаде и Холандија, што значително придонесе за растот. Отворањето нови рути и агресивните маркетиншки кампањи, одиграа клучна улога во привлекувањето повеќе посетители, особено од Централна и Источна Европа, кои забележаа раст за осум проценти.
Туристичката стратегија на Литванија главно се фокусира на културниот, велнес и еко-туризмот, на аранжмани базирани на посета на паркови на природата и на промоција поавтентични туристички дестинации, кои не се пренатрупани со туристи.
Од друга страна, Малта во 2024 година пречека рекордни 3,56 милиони странски туристи што претставуваше зголемување за 19,5 отсто на годишно ниво и ги надмина предпандемиските бројки за 29 проценти. Во исто време, во 2024 година беа регистрирани 23 милиони ноќевања на странци, што е годишен раст од 13 отсто, а приходите од туризмот достигнаа 3,3 милијарди евра, што претставува зголемување од 23,1 проценти во однос на претходната година.
Според податоците за првата половина од 2025 година, туристичките перформанси на Малта ги надминуваат очекувањата, бележејќи зголемување на посетителите за 18,3 проценти на годишно ниво, со што проценките се дека во текот на целата мината година земјата ја посетиле околу 3,7 милиони странски туристи.