Лидерската средба во среда?

Иако до ВМРО-ДПМНЕ се уште не стигнала покана за одржување лидерска средба, претседателот на партијата Христијан Мицкоски истакна очекува деновиве да се знае датумот, местото и форматот, односно таа средба да биде само меѓу него и Ковачевски.

Неофицијално, лидерската средба би требало да се одржи во среда, пренесува Тв21.

Премиерот деновиве рече дека сака да се разговара за одлуките што треба да се донесат поврзани со европската иднина, но според Мицкоски на маса треба да има две опции за разговори, од кои едната е што доколку уставните измени не добијат поддршка.

„На таа лидерска средба имаме две можни опции, едната опција е таа која што ја застапува Владата, односно Димитар Ковачевски а тоа е влегуваме во еден критичен период за државата, тие влегуваат во процесот на уставни измени во парламентот, го најавуваат веќе извесно време и сега едната опција е тој процес да успее. Ние велиме тој процес нема да го поддржиме и според бројките очигледно нема да успее. Така што втората опција е тој процес да не успее“, вели Мицкоски.

Од СДСМ велат дека оставаат на Мицкоски да одлучи дали на лидерската средба ќе дојде сам или со партиски тим, но додаваат дека она што е важно е да одлучи дали е за единство во продолжување на европскиот пат или ќе продолжи да ја блокира државата.

„Еве ова е шанса ВМРО-ДПМНЕ сега да покаже дека е на страната на државните интереси и ќе ги штити националните интереси и националното единство со тоа што ќе овозможи на државата да остане на патот на европската интеграција. Меѓутоа ако размислиме наназад ќе можеме да дадеме многу примери кои што укажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и не многу размислувала за државничките одлуки“, изјави денеска Даниела Николова.