Ливаковиќ ја однесе Хрватска во четвртфинале, им одбрани три пенали на Јапонците

Фудбалската репрезентација на Хрватска се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство во Катар откако во пенал серијата ја елиминираше Јапонија со 3:1. Резултатот беше 1:1 по регуларните 90 минути и двете продолженија.

Јапонците играа многу подобро во првото полувреме, имаа огромна самодоверба, повеќе ја контролираа топката и непосредно пред паузата во 43 минута дојдоа до позитива. По воиграна акција од корнер, следеше центаршут низ шеснаесетникот, Јошида ја врати топката од втората статива, а таму на петерецот чекаше Маеда кој стрелаше за 1:0.

Хрватите беа свесни дека мора подобро да играат и атакуваат што резултираше со израмнување во 54 минута, Ловрен центрираше, а со глава од околу 12-13 метри Перишиќ ги израдува „коцкестите“.

Во продолженијата немаше многу возбудувања, Хрватите беа видно уморни, па Златко Далиќ беше принуден дури и да ги извади Модриќ и Ковачиќ пред 100 минута. Единствениот вистински удар го имаше Митома во 105 минута, кога од далечина шутираше под пречката, но Ливаковиќ одлично одбрани.

Второто продолжение беше уште понеинтересно, практично помина без поголеми прилики, па пресудни беа пеналите.

Прва серија – Ливаковиќ го прочита очајниот удар на Минамино, Влашиќ прецизно шутираше во левиот агол за 0:1

Втора серија – Ливаковиќ пак брани, овој пат беше подобар во дуелот со Митома, Брозовиќ шутираше во средината за 0:2.

Трета серија – Асано го постигна првиот гол за Јапонија, а Ливаја бие во стативата – 1:2.

Четврта серија – Ливаковиќ одбрани и трет пенал, непрецизен беше Јошида, а Пашалиќ ја потврди победата на Хрватска – 1:3.