„Димитар Ковачевски трајно неспособен за војска, но трајно способен за тендери, провизии и картелско здружување. Аферата броило ни покажува како мала група длабоко вгнездена во највисоките структури на власта тргувала со влијание за стекнување на сопствена корист. Премиерот и дезертер Димитар Ковачевски и неговиот кум Горанчо Паунов, ја основале Пиксел груп на 3.11.2017 година, 5 месеци откако СДС прави влада. Значи Заев е премиер, а СДС власт, веднаш потоа Ковачевски станува и заменик министер за финансии“ рече на денешната прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
„Пиксел груп основана од Ковачевски и кумот Паунов, во изминативе 5 години станува централна фирма, околу која се вртат 26 милиони евра на соларниот картел. Но, денес во аферата на дезертерот Ковачевски броило ќе презентираме нови факти. Втората фирма која се јавува како изведувач на работи е КМГ ЕОЛ Квазар, основана од кумот на Ковачевски Паунов. Летале државни тендери за фирмата на кумот која е дел од аферата броило. Кумот на Ковачевски дoбивал работа од државата, а денес со владата раководи токму Ковачевски“ вели Лефков.
Пратеникот потенцира дека „се одело од крупни до најситни тендери. Па така само преку ЈКП Комуналец Свети Николе во 4 наврати КМГ ЕОЛ Квазар земала над 100 илјади евра. Еве го и доказот. Почнале со набавка од 19 илјади евра во 2018 година, за на 1.10.2019 година, да склучат договор во висина од 30 илјади евра, па на 14.10.2021 година уште еден oд 19 илјади, и да завршат со уште еден договор од 30 илјади евра на 25.10.2021 година, за целиот овој период власт во Свети Николе е СДС“.
„Власта на СДС обезбедила 4 милиони евра државни тендери и бизнис со ЕВН за фирмата на кумот и бизнис партнер на дезертерот Ковачевски“ вели тој.