Турција нема да го одобри приемот на Шведска и Финска во НАТО алијансата додека овие две земји не ги преземат неопходните чекори.
Вака му порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на првиот човек на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Претседателот Ердоган рече дека потезите на Шведска и Финска ќе одредат колку брзо ќе биде процесот на пристапување и кога ќе заврши, пишува Гардијан.
Анкара ги обвини двете нордиски земји дека засолнуваат курдски милитанти, кои Турција ги смета за терористи, и одби да го ратификува пристапот на двете земји во НАТО алијансата, без оглед на договорот постигнат во јуни.
Ердоган и Столтенберг во петокот во Истанбул одржаа приватна средба која беше затворена за јавноста.
Во мај, Финска и Шведска се откажаа од една деценија неутралност и аплицираа за членство во НАТО откако Русија ја нападна Украина.
Ердоган се закани дека ќе го блокира нивниот пристапен процес и побара некои отстапки, но беше постигнат договор меѓу Турција, Финска и Шведска во јуни, кој вклучува одредби за екстрадиција и размена на безбедносни информации.
Новиот шведски премиер Улф Кристерсон во вторник треба да ја посети Анкара за да се сретне со Ердоган, а Стокхолм се надева дека посетата ќе доведе до промена на ставот на Турција.