Мукаетов: Ракометарките вредат повеќе од турбофолк ѕвезди

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов во емисијата „Топ Тема“ на Телма, ја прокоментира и високата цена на влезниците за натпреварите од Европското првенство.

Денеска женската репрезентација на Македонија го почнува настапот на Европското ракометно првенство кое се одржува и во Скопје. Нашите натпревари ги играме во салата „Борис Трајковски“, а многу врева се крена за цените на билетите.

Цените ги одредува ЕХФ, па најевтините беа 15 евра, РФМ интервенираше и со субвенција од 40 проценти успеа да ги намали.

Во емисијата „Топ Тема“ на Телма, претседателот на РФМ, Живко Мукаетов ја прокоментира и цената на влезниците.

„Цената на влезниците е одлука на ЕХФ, нивната прва идеја беше најевтиниот билет да биде 35 евра, ние како РФМ рековме дека тоа е неприфатливо за нас, поради просечната плата и економската ситуација на нашите граѓани. Инсистиравме дека не може да биде толку. Од друга страна, тие ги земаат цените на сите досегашни пренства и машки и женски. Нашите граѓани кои доаѓаат на Европските првенства надвор од нашата земја знаат дека најевтините билети се 20. евра, ние максимум што можевме да излобираме е 15 евра да биде најниската карта“, вели Мукаетов.

„Свесни бевме дека огромен ќе биде предизвикот да се наполнат салите со таа цена. Потоа со спонзорите на федерацијата дојдовме до идеја да дадеме дополнително 40 проценти попуст за да се дојде до некоја пристојна цена. Свесни сме дека е скапо, знаеме дека машката репрезентација ги игра клучните мечеви за цени на билети од 50 и 100 денари или 100 и 200 денари. Не сме поборници на скапи карти, туку сега цените ги одредуваше ЕХФ“.

„Апелирам и ги повикувам сите сограѓани да дојдат и да дадеме поддршка на девојчињата, сепак ова е Европско првенствво, се игра во Македонија и треба да застанеме зад нив“.

„Од друга страна треба да бидеме и реални, да кажеме дека на македонскиот граѓанин, на одредена структура од луѓето, не им е проблем да дадат за некоја турбофолк ѕвезда тука по 800, 1.000 или 1.200 денари. Сепак мислам дека девојчињата кои играат за македонската ракометна репрезентација вредат многу повеќе од тие турбофолк ѕвезди и заслужуваат да бидат поддржани од пбулика која ќе им даде максимална поддршка“.