Сергеј Лавров – шефот на руската дипломатија в петок во Париз ќе се сретне со својот француски колега, Жан-Ив Ле Дриан за да ги постават основите за самитот меѓу американскиот и рускиот претседател, Џо Бајден и Владимир Путин, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Лавров се согласил на средбата в петок „да се одржат подготвителни консултации за самитот, начелно договорени во неделниот телефонски разговор меѓу Путин и францускиот претседател Емануел Макрон“, се наведува во соопштението на министерството.
Макрон вчера двапати разговараше со Путин и еднаш со Бајден во обид да посредува за самитот, изјавувајќи во текот на ноќта дека двајцата „начелно“ се договориле да се сретнат.
Рускиот министер за надворешни работи соопшти дека ќе се сретне и со американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, в четврток во Женева, во услови кога тензиите се зголемуваат поради стравувањата од руска инвазија на Украина.
За време на вонредниот состанок на рускиот Национален Совет за безбедност, Лавров рече дека разговарал со Блинкен за безбедносните барања на Русија и дека следниот состанок е „закажан за 24 февруари во Женева“.