
Правната рамка согласно која во Република Северна Македонија може (официјално) да се користи јазик и писмо различни од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е исцртана во 1) Амандманот V (2001) на Уставот и 2) Законот за употреба на јазиците (2019), како што следи:
- Амандман V (претходно член 7) од Уставот, ставови 1, 2 и 5:
На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.
Во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон.
- Закон за употреба на јазиците, член 1, ставови 1, 2 и 3 и член 2, ставови 1 и 2:
На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон.
Во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, на начин определен со овој закон.
Граѓаните имаат право да употребуваат било кој од наведените службени јазици и нивните писма од член 1 став 1 и 2 од овој закон, а институциите од член 1 став 3 од овој закон како и другите институции имаат обврска да им овозможат на граѓаните користење, употреба и примена на тие службени јазици и нивните писма во било која постапка како и спроведување на тие постапки на тој службен јазик и писмо.
Во согласност со правото на граѓаните да употребуваат било кој од наведените службени јазици од членот 1 став 1 и 2 од овој закон во судските, управните, извршните постапки, предистражните и истражните постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, постапка за извршување на санкции, како и другите постапки предвидени со други закони. Судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции се обврзани да овозможат користење, употреба и примена на било кој од службените јазици од членот 1 став 1 и 2 и нивните писма во тие и други постапки.
- Дополнително, би можело да се заземе и поширок пристап и во оваа рамка да се опфати и Законот за инспекторат за употреба на јазиците, конкретно член 6, ставови 1 и 2:
Инспекторатот врши инспекциски надзор над примената на Амандманот V од Уставот на Република Северна Македонија и на одредбите на Законот за употреба на јазиците, на територијата на Република Северна Македонија, од страна на сите надлежни институции…
Надзорот од ставот 1 на овој член опфаќа:
- надзор над примената на Законот за употреба на јазиците во постапките пред институциите,
- надзор над називите и печатите на институциите,
- надзор над имињата на инфраструктурните објекти,
- надзор над објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“ на законите, подзаконските акти, одлуките и огласите и
- други работи определени со закон, а кои се однесуваат на примената на Законот за употреба на јазиците.
Но, треба да се има предвид дека последниов закон (за инспекторат за употреба на јазиците) е само оперативен / инспекциски закон, и во суштина не определува некои дополнителни обврски или одредби, и има единствена цел да се грижи за примената на Законот за употреба на јазиците.
Според наведеното, ситуациите во кои во Република Северна Македонија (официјално) може да се користи јазик и писмо различни од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, се 1) ограничени (односно не се неограничени) и 2) треба да се однесуваат на однос јавен орган/држава – индивидуа (односно користењето на јазикот претставува индивидуално право на поединци – како припадници на јазичен / етнички колектив – и користењето треба да е во рамките на правен однос или постапка пред орган на државна власт, државен/јавен орган/институција).
Ист заклучок би дала и анализата која би го прифатила поширокиот пристап односно опфаќање и на Законот за инспекторат за употреба на јазиците. Во таа насока оди и одредбата од Законот за инспекторатот за употреба на јазиците, според кој инспекторатот може да врши надзор само врз надлежни институции (односно никаде не е предвидена обврска за „неупотреба на јазик различен од македонскиот“ да бидат санкционирани и приватни (нејавни, недржавни) субјекти).
Надвор од сето горенаведено и од правната рамка, новиот Закон за заштита на потрошувачите од ноември 2022 година утврдува нови обврски кои трговците треба да ги исполнат а кои се поврзани со давање информации на „јазик различен од македонскиот“.
Ваквите обврски се опишани во членовите 6, 37, 111, 123, 138 и 139 од Законот за заштита на потрошувачите, и се состојат во:
Ø информирање и преддоговорно информирање на потрошувачите,
Ø предавање на потребните и пропишани документи што ги изготвил производителот, увозникот или продавачот на големо заради полесно и сигурно користење на стоките или услугите (декларација, сертификат, гарантен лист, изјава за сообразност, технички упатства, упатства за склопување, составување и/или монтажа, упатства за користење, листа на овластени сервиси и/или друг соодветен документ),
Ø обврските поврзани со давањето на и информациите кои треба да ги содржи гарантниот лист, и
Ø договорите за временски поделена употреба на недвижност, за долгорочен производ за одмор, за препродажба и за размена од Законот за заштита на потрошувачите.
За непридржување кон овие обврски, Законот за заштита на потрошувачи предвидува казни од 1) 500-10.000 евра за трговците, 2) 150-500 за одговорните лица и 3) 50 евра за физичките лица и трговците-поединци. Дополнително, може да се изрече и привремена забрана за вршење одделна дејност 1) за правното лице – во период од 15 дена до две години и 2) за одговорното лице на правното лице или за трговец-поединец/физичко лице – во период од 15 дена до една година.
Имајќи ја предвид правната рамка според која во Република Северна Македонија може (официјално) да се користи јазик и писмо различни од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, делува дека наведените обврски од Законот за заштита на потрошувачи се во „офсајд“ односно се наоѓаат надвор од рамката (симболично, првично утврдени со Охридскиот Рамковен договор).
Со оглед на наведеното, „чаре“ во однос на соодветните членови од Законот за заштита на потрошувачи би било таквите делови од законот да се:
Ø прогласат за противуставни и/или противзаконити од од страна на Уставниот суд, поконкретно спротивни на Амандманот V од Уставот и членовите 1 и 2 од Законот за употреба на јазиците;
Ø изменат и дополнат, односно допрецизираат од страна на Собранието во насока на тоа дека предвидените обврски за трговците се факултативни, но не и облигаторни и не може да бидат санкционирани;
Ø дообјаснат од страна на (Законодавно-правната комисија на) Собранието преку автентично толкување на цитираните одредби, во истата насока објаснета во претходната точка.
Златко Кујунџиски, магистер по меѓународно право и меѓународни односи