Кулеба: Киев е погоден од ужасни напади

Дмитро Кулеба – украинскиот министер за надворешни работи објави дека главниот град – Киев е под ужасни руски напади во текот на целата ноќ.

„Последен пат нашиот главен град доживеа нешто слично во 1941 година, кога беше нападнат од нацистичка Германија. Украина го победи тоа зло и ќе го победи ова“ – напиша Кулеба на Твитер.

Тој повторно повика на строги санкции против Русија и нејзиниот лидер Владимир Путин, повикувајќи ги земјите да ги прекинат сите врски со Москва и „да ја исфрлат Русија од секаде“.

„Стоп за Путин. Изолирајте ја Русија“ – напиша Кулеба.

Новинската агенција УНИАН објави дека неколку експлозии го потресоа украинскиот главен град Киев во раните утрински часови денеска при што избувнаа пожари во повеќекатната станбена зграда откако беше погодена.

Граничен пункт во украинската област Запорожје е погодена од проектил, при што има и човечки жртви. Во нападот има и ранети војници.

Регионот  нема копнена граница со Русија, туку се наоѓа на брегот на Азовското Море. Нападот се случил во 4.25 часот по локално време.

Истовремено, соопштено е дека украинските сили во раните утрински часови собориле непријателски авион над Киев, кој потоа удрил во станбена зграда. Станбената зграда наводно има 9 ката.

Ова го изјави советникот на министерот за внатрешни работи Антон Херашченко.

Официјален претставник на украинското Министерство за внатрешни работи изјави дека авионот се урнал во киевскиот кварт Дарницки.