Кузеска: Удар врз правдата е одлуката Мијалков да се пушти од притвор

Портпаролката на СДСМ – Богданка Кузеска денеска на прес-конференција рече дека е скандалозна одлуката на судот да ја прифати гаранцијата со што Сашо Мијалков излегува од притвор.

„Денеска целата македонска јавност е сведок на силен удар врз правдата од страна на судиите во Апелацискиот суд во Скопје. Мијалков издржува мерка притвор во предметот Трезор каде што е осуден на 8 години затвор, со се уште не правосилна пресуда. Исто така, за Мијалков има и втора неправосилна пресуда од 12 години за нелегеланото прислушување“ вели  Кузеска.

Кузеска ги повика судиите Ѓоко Ристов и Енвер Беџети јавно да излезат и да кажат како е можно за лице со вкупни пресуди од 20 години, да донесат ваква одлука.

„Како оцениле дека не постои ризик од бегство? Но сите граѓани многу добро знаат дека Мијалков беше недостапен за институциите и сега ризикот е повторно голем. Оваа одлука директно ја загрозува правдата, не само за овој предмет, туку и за сите останати кои се водат за него, како и за криминалот на други поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ“ смета Кузеска.

Таа повторува дека „оваа срамна и скандалозна одлука отвора сериозни сомнежи и претставува директен удар врз кредибилитетот на судството да испорача правда за секој“.