ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов победува на уште едни парламентарни избори во Бугарија, покажуваат излезните анкети на бугарските агенции. Тие им предвидуваат освојување на 23,5 проценти од гласовите, додека зад нив со 19,5 проценти е „Продолжуваме со промените“ на последниот премиер Кирил Петков.
Движењето за права и слободи на Мустафа Карадај е третата партија со освоени 15,2 проценти, додека социјалистите имаат 10 проценти. Зад нив како четврта политичка сила, со освоени двојно повеќе гласови од минатите избори влегува партијата ултра десничарската „Преродба“ на Костадин Костадинов, која претставува најголемиот добитник на овие избори.
8,9 проценти освојуваат бугарските социјалисти, во парламентот повторно влегува и „Демократска Бугарија“, додека прагот го поминува и најновата партија „Бугарски подем“ на поранешниот технички премиер Стефан Јанев. Шанса да го помине прагот сѐ уште постои и за „Има таков народ“ на Слави Трифонов, кои и покрај тоа, според овие проекции се најголемите губитници на овие избори.
Првите реакции на бугарските аналитичари се дека ова е парламент со израмнети сили а длабоката поделеност меѓу партиите може да резултира со уште еден неуспех за формирање влада, и нови парламентарни избори. Коалициониот потенцијал на ГЕРБ е минимален, но ниту претходната коалиција помеѓу „Продолжуваме со промените“, социјалистите и „Демократска Бугарија“ нема доволно мандати да формира мнозинство. Постои опцијата за формирање на широка коалиција од ГЕРБ, „Продолжуваме со промените“ и „Деморкатска Бугарија“ но таа е малку веројатна.
Покрај отсуството на јасен победник, овие 4 избори во Бугарија во последните година и половина ги одбележува и ниската излезност, која е за 3 до 5 проценти помала од изборите во ноември минатата година.
Што значат овие резултати?
За формирање на Влада во Бугарија потребно е мнозинство од 121 пратеник, со оглед на тоа што во Народното собрание има вкупно 240 пратеници.
Како потенцијални владини коалиции се споменуваат „Промените продолжуваат“ на Кирил Петков заедно со БСП и „Демократска Бугарија од една страна, и ГЕРБ-СДС на Бојко Борисов заедно со ДПС и популистичката Взраждане.
Вака поставени работите Бојко Борисов би требало да ја формира новата бугарска влада, бидејќи во таков состав би имал 123 пратеници, доволно со тенко мнозинство во Народното собрание. Но, ваква влада е повеќе математички можна, отколку политички, особено поради имиџот на ДПС. Петков не би можел да ја формира новата влада бидејќи неговата коалиција би имала само 97 пратеници, кои не се доволни за мнозинство во парламентот.
Меѓутоа, бугарските медиуми веќе споменуваат и нова коалиција која би можела да се појави по ваквите резултати на изборите. Широка коалиција на двете најголеми партии во Бугарија, ГЕРБ-СДС на Борисов, заедно со „Промените продолжуваат“ на Кирил Петков и „Демократска Бугарија. Оваа коалиција би имала 130 мандати. Петков изјавуваше дека не би коалицирал со ГЕРБ додека на нејзино чело е Борисов.