Кој ќе биде нов амбасадор во Софија – кариерен дипломат или политичко решение?!

Во време кога како држава водиме дипломатска битка со Бугарија за кревање на бугарското вето за почеток на преговори со ЕУ, Северна Макеоднија нема свој амбасадор туку дипломатското претставништво функционира со вршител на должност во амбасадата.

На 31 март 2020 година му заврши мандатот на последниот амбасадор Марјан Ѓорчев и тој се врати дома. И покрај барањето на Ѓорчев да му биде продолжен мандатот, од МНР добил одговор дека треба да се врати.

Сепак на веб-страната на МНР, Ѓорчев се уште фигурира како амбасадор, а за амбасадата во моментов не постојат други информации.

Ако речиси две години од истекот на мандатот на Ѓорчев не се нашло време да се ажурира еден елементарен податок, не е чудно што уште побавно оди изборот на нов амбасадор, и тоа во време на најсензитивните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија.

Според извори на веб порталот „Трилинг“ дилемата е дали во бугарската претстолнина да биде пратен кариерен дипломат или новиот амбсадор да биде политичко решение, е главниот камен на сопнување.

Наводно засега нема конкретно име за кое досега се разговарало помеѓу претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи.

Од кабинетот на шефот на државата – Стево Пендаровски за порталот „Трилинг“ со став:

„Немаме добиено предлог за амбасадор во Република Бугарија. Процесот на консултации е во тек, очекуваме да пристигне предлог од Владата до претседателот за добивање согласност“.

Бугарскиот премиер Кирил Петков по неговата средба со македонскиот претседател Стево Пендаровски изразил надеж дека во наредните 60 дена Северна Макеоднија ќе именува свој амбсадор во Софија.

Во моментов покрај Бугарија, Северна Макеоднија нема амбасадори уште во 17 амбасади. Во моментов амбасадата во Вашингтон е празна, иако САД е наш стратешки партнер.
Мисијата во ОН никако да биде пополнета, иако за таму е планирано да замине универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски. Слична е состојбата и со мисијата во ОБСЕ, а во некои од дипломатско-конзуларните претставништва нема ниту вршител на должноста.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи минатиот месец најави дека очекува да бидат пополнети сите испразнети амбасадорски места, и изрази надеж дека решенијата ќе бидат готови по формирањето на новата Влада.

„Секоја амбасада е важна сама по себе, меѓутоа очекувам во наредниот период да го заокружиме целиот процес за да не оставиме ниту една амбасада без амбасадор, со цел навистина да ја ставиме во функција нашата дипломатска служба“ – рече Османи.

Потребата што поскоро да се испрати амбасадор е потенцирана и од намерите на двете влади за динамизирање на односите преку пет работни групи кои ќе имаат активности, по можност и на седмично ниво, што бара фреквентни комуникации и координации преку ДКП