Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на социјалните мрежи сподели графици со споредба на платите во културата во 2016 и 2024 година, од кои може да се види дека балетски играч првенец, во 2016 година добивал нето плата од 39.778 денари, додека денес таа е покачена на 89.502 денари.
Значителен раст имаат и платите на хористите и светло мајсторите, според податоците кои ги сподели министеркат Костадиновска-Стојчевска. Хорист во 2016 година добивал нето плата од 21.236 денари, додека денес неговата плата изнесува 57.348 денари, а платата на светло мајсторот пораснала од 20.872 денари во 2016 година на 56.346 денес.
„Платите во културата повисоки за повеќе од 100%, и ќе продолжат континуирано да растат. Владата предводена од СДСМ и Министерството за култура во изминатите години покажаа дека го почитуваат достоинството и го вреднуваат трудот на културните работници со постојано зголемување на платите“ напиша Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека за пет години се исполни ветувањето за подобар и посигурен живот на вработените во културата.
„Вложувањето во човечкиот капитал во културата ни останува врвен приоритет во намерата да создадеме професионален и посветен кадар. Во следниот мандат секоја година платите на културните работници ќе растат за 10%“ вети министерката Костадиновска-Стојчевска.