Петровска: Ние не бегаме од тешки прашања и не ги негираме грешките, лесен пат за европска иднина нема, успех без цена нема

„Вечерва стојам пред вас без намера да ви држам говори со демагогии и лажни ветувања. А уште помалку со лажен патриотизам и лажен национализам. Затоа што во времињата кога лажниот патриотизам владееше од Македонија над 70.000 граѓани излегоа и земаа бугарски пасоши. Во тие времиња студентите беа тепани, а новинарите беа апсени. Вечерва, јас ќе зборувам за иднината и патот кон иднината. А тој пат е тежок и макотрпен. Но, друг пат нема. Секој кој што ќе ви вети, брз и пократок пат, знајте дека ве носи во бездна. Ве враќа во минатото, и не ве носи кон иднината. И тие, кои велат дека има друг пат слободно прашајте ги: Кој е тој пат? Ќе излезете од НАТО? Ќе прекинете преговори со ЕУ? Ќе ги затворите границите со соседите? Ќе седите дома додека децата ни бегаат преку граница? А вие опозицијо, ќе ја фатите старата песна. Да изградите уште една бела палата со парите од народот, и заканувајќи му се на истиот тој народ од нова меѓуетничка војна“, рече носителката на листа на СДСМ во ИЕ 6, Славјанка Петровска на граѓанскиот митинг во Гостивар.

Таа посочи дека СДСМ и Коалицијата за европска иднина се јасна опција. Како и дека не бегаат од тешки прашања, но и не ги негираат ни грешките.

„И ние сме луѓе од крв и месо. И нас не болат неправдите кои доаѓаат однадвор, и сите тешки одлуки. И за името и за односите со соседите. И сето тоа и нам ни тежи на душа. Но, ние немаме право да ве лажеме, дека има успех без цена. За нашата Македонија, да дојде таму каде што природно припаѓа. Во цивилизирано, европско семејство, со висок стандард, со плати со кои што ќе може да се живее нормално. А не да се преживува,“ истакна Петровска.