Концерт „Со љубов за Тоше“ денеска во Крушево

Во организација на Министерството за култура и Спомен-куќата на Тоше Проески, денеска ќе се одржи концерт со наслов „Со љубов за Тоше“ по повод 15-годишнината од последниот незаборавен концерт на пејачот. Оваа година, Крушево ќе биде домаќин на сите музички пријатели на Тоше, кои ќе исполнат дел од неговите најголеми хитови.

Со почеток од 19 часот ќе блесне „ѕвезденото небо“ во чест на Тоше на платото пред неговата спомен-куќа во Крушево. Публиката ќе има прилика да ужива во изведбите на Каролина Гочева, Бени Шаќири, Јелена Томашевиќ, Бојан Маровиќ, Дани Димитровска, Ѓоко Таневски, Мартинијан Кириловски, Кристина Арнаудова, Јоце Панов, Влатко Груевски, Омар Џафероски и Билјана Јосифов.

Тие ќе настапат во придружба на Камерен оркестар на Битола, под водство на Владимир Димовски и на бендот на Тоше.

„Ги повикуваме сите фанови од Балканот, со своето присуство и со своите мобилни телефони да го збогатат ‘ѕвезденото небо’ за Тоше и да споделат љубов и сеќавања на концертот кој е наречен ‘Со љубов за Тоше’. Неговата љубов за сите нас сѐ уште трае и постои во секој негов стих и нотa“, велат од Спомен-куќата на Тоше Проески.