Комшиќ: Ако странците не го спречат Додик, ние ќе го спречиме

Претседавачот со Претседателството на БиХ – Жељко Комшиќ рече дека доколку странците не го спречат српскиот член на тоа трипартитно тело, Милорад Додик, кого го нарекува „разбојник“, нема да има друг избор освен да го спречат сами. Комшиќ во интервју за „Радио Сараево“ додаде дека БиХ „никогаш всушност не била оставена на мир од оние кои го загрозуваат опстанокот на државата“.

„Не треба да се споменува за кого се работи, ќе се пронајдат. Но, и покрај сите напади на Босна и Херцеговина, таа преживеа и ќе опстане“, изјави Комшиќ, додавајќи дека не се сомнева дека, како што вели, „ќе направиме се во таа смисла. Веќе ни се случи сето најлошо што можеше да и се случи на една земја и нејзините граѓани, од агресија, геноцид и злосторства што историјата на човештвото не ги памети. Државните непријатели го убија стравот во нас и на тоа треба да размислуваме ако повторно насилно ги нападнат нашата држава и граѓаните“ – рече Комшиќ.

Тој вели дека „странците мора да знаат дека со разбојник нема да преговараме за постоење институции чие формирање е извршено согласно Уставот и законот во Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина“.