Колумна на проф. Ана Чупеска: За масите

Рејмонд Батегеј (Raymond Battegay 1927-2016), една интересна умствена фигура; психијатар и хуманист, а веројатно и “марксист; мотивиран да ги објасни масовните фашистички злодела, верувам, се позанимавал и со психопатодинамиката на масите. Или, се занимавал малку со групна психопатологија и неа ја врзува меѓу останатото и со масите.

Не, со групите. Не, со мноштвото. Овие ги третира како далеку поразлични видови на заеднички живот кој може да го споделуваат луѓето.

Значи, Батегеј масите ги конкретизира низ нивната психопатодинамика !

И не само тој.

Имено, не е реткост во психијатриските и психоаналитичките наоди, а задолжително(!) во анализите на социјално психолошката динамика, тие да се третираат како вид на психопатологија.

Зошто ова се изучува на овој начин? Зошто се “патологизираат” масите?

Затоа што луѓето кога се десубјективизирани во маса/толпа, поголем е потенцијалот да создадат насилни формации. Спремни се за уништување, па и за екстерминација на цели групи луѓе. Конкретно: на различните!

Така е и кај организираниот фашизам. И токму од овие причини, тој се третира како психопатолошка појавност. И тоа не е дискутабилно. Може дури, да се рече дека е општо место оти фашизмот е вид на социјална патологија.

Сепак, проблемот што се отвара пред нас, е тоа дека и денес, во ”демократски” услови, сè уште постојат опасни, но и јасни тенденции поединците да се претопуваат во маса; а потоа масите/толпите некритички да се однесуваат кон стварноста; да донесуваат одлуки кои не се рационални, па дури и штетни за нив самите; кога насилството (физичко и симболичко) станува нивен modus operandi.

Сетете се на :

24 декември

27ми април.

Бекатон протестот;

Сетете се на нелегалниот надзор; на преземањето бизниси; на медиумскиот мрак и помрачина…

Но, кога зборуваме за масите, проблемот никогаш не во “голото” учество на луѓето во масата, во толпата, туку, поважно е какво е местото и која е улогата на ЛИДЕРОТ во активацијата, мотивацијата и мобилизацијата на масите. Тие, де факто не постануваат тоа, сами по себе, туку нив ги креира токму авторитарен вожд. Затоа и постои јасна разлика меѓу наводаџијата-инспиратор и задоениот реализатор. И, најбитно, масите се такви какви што се (доказливо-некритични !) најдоманантно поради авторитарноста на нивниот водач.

Оттука, масите се создаваат во услови на претходно постоење на авторитарното лидерство, а не поради тоа што луѓето се “глупави” сами по себе.

Напротив , затоа што се излажани, заведени, изманипулирани. А, тоа, секако дека може да има социјално патолошки реперкусии.

Со смртни последици.

На пр. мобилизирана омраза во кривично дело, на кое му претходи говор на омраза. Или геноцид. Или злосторства против човештвото…

Од оваа позиција неминовно се запрашав: какво е политичкото лидерство во нашите околности, денес? Дали лидерските тендеции се авторитарни, со јасна намера да се создаваат некритични маси, одчовечени и дехуманизирани ?!

Или, спротивно, имаме лидерство, со демократско-еманципаторски вредности; што ги оснажнува индивидуите во нашето општество и не создава маси?

Дали, политичкото лидерство сака да управува на рамноправна и плуралистичка платформа, или, е склоно да се држи на авторитарниот ракурс ?

Оценете сами.

И сами оценете се кон што инклинирате.

Овде, не е новост да се забележат индикативни симптоми на авторитарност, но, еден забавен, деновиве, ми остави посебен впечаток и на лековерност. А, лековерноста , иако може да е акутно симпатична, таа, никако не може да биде истовремено и екскулпирачка.

Местото на министерската за финансии, мили мои, не и е “на лице место” на истражната постапка! Па уште и самата се пофали дека од УЈП и МВР и помагале: на кои учтиво им се “заблагодари”? Јавно “води истрага “ министерката за финансии?! Која е пораката што сака да ја прати ? Го помешала ресорот или имаме corpus delict на авторитарна егзибиција?

Не беше толку одамна кога и Брат Љубе на ваков начин “водеше истраги” и влегуваше по фирми со театарски апсења и приведувања (покасно и сам стана жртва на “неговата” театарска дружина).

И да се присетиме, дека, ништо од тоа немаше никаква врска со борбата против криминалот и корупцијата. Целта беше јасна: заплашување! Додека паралелно, интензивната пропагандата ја штимаше масата да биде нарихтана спрема ситење и сеири да фаќа.

Конечно, по оваа инверзија во ресорите, интересно е како судот ќе ги третира обезбедените докази” лично” од министерката за финансии? Дали истите ќе имаат доказната вредност со оглед на тоа дека постои јасен закон за кривична постапка во кој точно е предвидено кој, како, и што е, во секоја фаза на истражната постапка?! Или тоа, денес, не е битно, туку, важно е да “НИ” се плашат; а за народот нека има “спектакл”.

На крајот на денот, сепак, најголемата одговорност е, би се сложила со Battegay, во Лидерството. Или ќе биде демократско, или, ќе биде проследено со вакви слични авторитарни налети и ќе има тенденции да произведува маси. И ова треба да се има во предвид.